Министерот за Финансии, Фатмир Бесими во Влада кажа дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 4,3 проценти од БДП или 33,5 милијарди денари или 544, 4 милиони евра. Ќе се враќаат и 11,6 милијарди денари (188 милиони евра) веќе позајмени пари.
-Главна каракеристика на буџетскиот дефицит ќе биде што тој ќе се користи за поддршка на капиталните расходи, односно на капиталните инвестиции, кои се предвидени во износ од 37,8 милијарди деанри. Ова значи дека капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит што покажува дека буџетот за наредната година е развоен, рече Бесими на прес конференцијата.
Тој посочи дека вкупните буџетски приходи од 238,9 милијарди денари се за 7,4 отсто повисоки од процената за остварување на Буџетот за 2021 година. Притоа, даночните приходи ќе изнесуваат 136,5 милијарди денари или за 10,2 отсто повеќе од годинава. Тој рече дека треба да се има во предвид дека овие приходи се проектирани во услови кога со законски прописи се намалени некои давачки, како на пример намалената стапка на ДДВ за некои угостителски услуги, повластената стапка на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата и тн.
Расходната страна е зголемена номинално за 1,4 проценти или за 3,7 милијарди денари. Министерот Бесими најави натамошна фискална консолидација, намалување на непотребните расходи, поефикасно трошење на јавните пари и тн.
Тој рече дека буџетот и идната година ќе остане ликвиден и дека исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци ќе биде редовна и навремена.
Бесими најави и поголеми плати за здравствените работници, во износ од 5 отсто, односно, како што објасни тоа што годинава го добивале како бонус кој бил обезбеден преку кредит од Светската банка, во наредната година ќе се трансформира во редовни зголемени плати, за што се предвидени буџетски средства.