Презентиран предлог-модел за средно стручно образование базирано на потребите на пазарот на трудот

од desk4
113 прегледи

Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Институтот за социјална демократија „Прогрес“ денеска презентираа предлог-модел за средното стручно образование во Македонија што се базира на германскиот дуален модел и хрватскиот модел на образование, чија цел е да се смени моделот, но и перцепцијата за средното стручно образование за да може во целост да одговори на потребите на пазарот на трудот. Предлогот е отворен за надградување.

Во него се предвидува 40 отсто од завршените основци да се запишуваат во гимназиско средно образование со претходно полагање на приемен испит, а 60 отсто да продолжуваат во средното стручно образование што би се состоело од три степени. Првиот степен би траел две години и со него би се продуцирале помошници и занаетчии, вториот би бил три години, а третиот четири. Задолжително би било само двегодишното стручно образование.

Средното стручно образование се предлага да биде прилагодено на потребите на пазарот на трудот и да има повеќе практична настава која во прва и втора година би се спроведувала во училиштето, а во трета и четврта во претходно лиценцирани претпријатија каде учениците ќе бидат директно вклучени во работата на компаниите.

Како што истакна Александар Спасов од „Прогрес“, на денешната прва од серијата јавни дебати што ќе следат за предлог-моделот, од постојниот модел на средно образование во Македонија не се задоволни работодавачите, професорите, учениците и нивните родители, а постои и лоша перцепција дека средното стручно образование продуцира кадри со мало знаење кои не се способни  или не умеат стекнатото знаење да го искористат и дека е наменето за ученици од социјално ранливи групи. Тоа го покажале и анкетите спроведени во Битола, Струга, Штип, Свети Николе, Скопје и Куманово.

Тој посочи дека за разлика од Србија каде во целост се презема германскиот модел на дуално учење се одлучиле да направат предлог модифициран на состојбите во нашето општество и затоа го искомбинирале со хрватскиот модел што е многу поблизок до нашиот. Предлогот, нагласи, е отворен за забелешки од сите засегнати страни со цел навреме да се достави до властите за евентуално да може да се воведе од наредната учебна година.

За менување на перцепцијата за средното стручно образование се предвидува медиумска кампања во која ќе бидат вклучени и социјалните мрежи што најмногу ги користат основците, како и поставување административни службеници во училиштата за промоција на стручните училишта.