„Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот регион“ е името на студијата која Град Скопје ја изработи во соработка со УНДП, а која денеска беше презентирана пред јавноста.

На презентацијата на овој значаен документ присуствуваа Претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, како и претставнци од скопските општини, јавните градски претпријатија, министерствата и научните институции, невладини организации и граѓани.
– Градот Скопје почнува нова пракса во начинот на работењето, во смисла на споделување на резултатите од научните студии со јавноста. Скопје е град за кој природните катастрофи не се непознати, а дел од нив се последица и на климатските промени, предизвикани од човечкиот фактор. Токму затоа, како вовед во денешнава презентација сакам да потенцирам дека Градот Скопје и УНДП во декември 2014 година почнаа заедничка реализација на проектот за зголемување на урбаната отпорност на природни катастрофи и климатски промени, со примена на информатичка технологија, кој се уште е активен. Резултатите од проектот се воочливи, високо котирани и се многу важни за Градот Скопје – рече пред присутните Љубица Јанчева, претседателот на Советот на Град Скопје.