Преживеаните и семејствата на загинатите патници во автобусот на „Беса Транс“ ќе добијат обесштетување

од Nikola Popovski
342 прегледи

Штетата за сообраќајната несреќа со автобусот на „Беса Транс“ ја понесува осигурителната компанија, која ја има издадено полисата за осигурување, вели Трајче Латиновски, генерален директор на Бирото за национално осигурување.

Според него, во полисата е вклучен и зелениот картон кој е продолжение на полисата за автомобилска одговорност.

-Тука нема дилема дека жртвите ќе бидат обесштетени, односно роднините на загинатите. Се надевам дека нема да има проблеми со тоа, рече Латиновски, информирајќи дека станува збор за осигурителната компанија „Граве“.

Латиновски додава дека обештетување ќе добијат и повредените патници.

-Во моментов не можеме да кажеме колкава ќе биде сумата на обесштетување, зависи колку луѓе ќе се пријават за надомест на штета, рече директорот во гостувањето на емисијата „Трилинг“, објаснувајќи дека се додека не се добие финалниот извештај од истрагата, не може да започне процесот на обесштетување.

На 23 ноември минатата година автобус полн со патници со регистарски таблички на Северна Македонија се запали на автопат во Бугарија. Загинаа 45 лица, а 7 патници успеаа да преживеат.

Бугарските истражители ја завршија истрагата за несреќата и според бугарскиот заменик-главниот обвинител, Борислав Сарафов, возачот, кој е меѓу загинатите, е виновен за несреќата.

Слични содржини