Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена-Скопје испратил допис до градоначалничката Данела Арсовска, во која посочува дека сите ингеренции и надлежности да назначува и разрешувате директори на претпријатието го има исклучиво таа.
-Како Управен одбор на ЈП Комунална хигиена – Скопје ве информираме дека, спротивно на вашите тврдења, сите ингеренции и надлежности да назначувате и разрешувате директори на ЈП Комунална хигиена – Скопје ги имате исклучиво ВИЕ. Согласно член 24, став 2, член 23 став 3 од Законот за јавните претпријатија и член 40 од Статутот на ЈП Комунална хигиена-Скопје (во прилог) исклучиво ВИЕ како градоначалник на Градот Скопје имате ингеренции да именувате в.д. директор на ЈП Комунална хигиена – Скопје, имајќи во вид дека состојбата во претпријатието ИТНО го налага тоа. Би сакале да ве потсетиме и дека во текот на изминатите четири години токму ВИЕ именувавте пет в.д.директори на ЈП Комунална хигиена – Скопје и разрешивте четири од нив, стои во документот на УО, насловен како „Итна ургенција“, а кој беше испратен до медиумите.
Во документот стои и дека при крај се резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д.директор.
-За ваше запознавање, во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д.директор. Доколку во најкус можен рок не назначите в.д.директор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во градот Скопје е ваша, се наведува во документот.
УО бара од Арсовска итно да назначи нов в.д. директор.
-Од наведените причини Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена-Скопје бара од вас ИТНО да назначите нов в.д. директор кој ќе раководи со ЈП Комунална хигиена – Скопје, во насока на остварување на примарната дејност на Претпријатието, а во интерес на заштитата на животната средина и јавното здравје, се додава во документот на кој се потпишани членовите на УО.
Скопски комуналец остана без директор, па оттаму градоначалничката Арсовска бара Управниот одбор да назначи вршител на должност. Таа прстот за хаосот го впери кон премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, од чиишто редови била претседателката на Управниот одбор.
„Мицковски да го повика Управниот одбор на „Комунална хигиена“, согласно Законот за јавни претпријатија да донесе одлука за разрешување на директорот и да именува вршител на должност на претпријатието“, вели градоначалничката Арсовска.
Директорот на „Комунална хигиена“ Рустеми, поднесе неотповиклива оставка откако беше осомничен за загрозување на животната средина и природата со отпад, по што нему и на уште еден раководител од претпријатието им беше изречен 30-дневен притвор.