При упадот во М-НАВ имало 40 прелети – авион бил оставен да кружи, обвинува Чулев

од Nikola Popovski
532 прегледи

Како што дознаваме, неофицијално, во моментот на насилниот упад во зградата на М-НАВ, на македонското небо вршеле прелет околу 40 авиони, а 2 авиони, од кој еден бил на сериозна авио компанија, кружеле над Скопје повеќе време и чекале дозвола за слетување. Во текот на денот имало и две слетувања на НАТО воздухоплови на аеродромот во Скопје, изјави денеска поранешниот технички министер за внатрешни работи и член на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.

Според Чулев скандалозно е што насилниците по извршениот упад во М-НАВ и делењето на шамари и клоци судот ги пушти без притвор, само со мерки за претпазливост.

-Во тие мерки, во соопштението, не се наведува дека им е забрането да одат повторно во институцијата, каде извршија кривично дело, што значи дека тепачите на ДУИ потмогнати од СДС, можат во секое време да го повторат делото.Извршен е насилен упад во М-НАВ, кој е објект на критична инфраструктура, и било загрозено небото над Македонија, која патем е НАТО членка, а со тоа било загрозено и европското небо и животите на илјадници патници, како домашни, така и странски, кои во тој момент се наоѓале во авионите. МВР, како и секогаш, во овие седум години, во кои Оливер Спасовски е министер, е само нем набљудувач, се до моментот кога македонската јавност ќе направи огромен притисок, па дури потоа доцна се реагира, а како резултат на тоа четири лица од групата, се уште се во бегство и не се достапни на органите на прогонот, рече Чулев.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.

Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага.

Слични содржини