Прибе: Засилен ангажман и мобилизација на институциите во земјата

од desk3
86 прегледи
 Засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од Извештајот и Итните реформски приоритети, им порачал европскиот експерт Рајнхард Прибе при утринскиот појадок на Министерот за надворешни работи Никола Димитров и на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Тој ја реафирмирал подготвеноста експертскиот тим  да и помогне на Македонија за да ги надмине посочените недостатоци во неколку важни области кои се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на регулаторните тела.

– Отсуството на независни институции имаше последици по демократските процеси во Р. Македонија. Приоритет на новата реформска Влада ќе биде нивна професионализација со цел доследно спроведување на законите, заклучил Димитров, при средбата.

Вицепремиерот Османи пак, посочил дека е потребна директна и отворена комуникација по однос на сите прашања кои треба да се решат, со цел меѓусебно разбирање, како основа за враќање на довербата на граѓаните во институциите.

„Свесни сме дека периодот на политичка криза, кој е веќе зад нас, влијаеше на темпото на реформите и спроведувањето на препораките од Извештајот на групата експерти од 2015 година. Во овој процес на исполнување на преземените обврски, од исклучителна важност за нас е вашето вклучување во овој процес, преку вашите совети, надзор и забелешки, имајќи предвид дека вашето име во моментов претставува и синоним за реформи во земјава. Јас, како и Секретаријатот за европски прашања стоиме на располагање за се што ви треба за објективна и точна проценка на состојбата. Клучно е да добиеме од вас јасни препораки за она што треба да биде преземено и што може да биде реализирано, на краток и среден рок“ порачал Османи.

Министрите заедно ја истакнале цврстата заложба на Владата да ги адресира препораките од Извештајот на експертската група од 2015г. и да ги спроведе мерките предвидени со Акцискиот план за Итните реформски приоритети, со цел Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапни преговори.

– На средбата беше изразено уверување дека натамошниот ангажман и идните насоки на експертската група ќе бидат од исклучителна помош за испорачување конкретни резултати во клучните области, со цел подобрување на животот на граѓаните и забрзување на европскиот интегративен процес на Македонија. Притоа,  министерот Димитров и заменик претседателот Османи информираа за нашите активности во насока на подобрување на односите и соработката со соседите, како еден од клучните приоритети во надворешната политика на Република Македонија, се вели во соопштението од МНР.