Прифатени се текстови на договори за движење со лични карти во Западен Балкан

од Берта Китинска
218 прегледи

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан и го прифати усогласениот текст на Договорот, информираат од Влада.

-Овој Договор ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, во рамки на Берлинскиот процес воден од принципите на правото на ЕУ, европските вредности и добрата пракса на ЕУ. Договорот предвидува исти услови за влез, транзит, излез и краток престој на физичките лица, односно на носителите на лични карти. Со склучувањето на овој Договор се потврдува изразената подготвеност за зајакнување на регионалната соработка и меѓусебното разбирање, што ќе придонесе за економскиот развој, зголемување на економскиот раст, инвестициите и вработувањата во Западен Балкан. Исто така, земени се предвид заклучоците кои лидерите ги донесоа во рамките на Берлинскиот процес, истакнувајќи ја визијата за просперитет за луѓето од Западен Балкан, со цел да ги уживаат истите слободи, како и европските граѓани. Земена е предвид и Декларацијата на лидерите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар како катализатор за подлабока регионална економска интеграција кон единствениот пазар на Европската Унија, донесена на Самитот на лидерите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, реализиран во Софија на 10 ноември 2020 година, посочуваат од Влада.