По прогласувањето победа во заземањето на Бахмут, рускиот водач на платениците, Евгениј Пригожин, предупреди дека војната на Москва во Украина може да ја турне Русија во револуција слична на онаа од 1917 година, доколку нејзината одвоена, богата елита не се вклучи подиректно во конфликтот.
Во долго интервју со воениот провоен блогер Константин Долгов, Пригожин, основачот и водачот на платеничката група „Вагнер“, исто така тврди дека војната спектакуларно се уназадила со неуспехот да ја „демилитаризира“ Украина, една од главните цели на претседателот Владимир Путин. Тој повика на тоталитарна политика.
„Испратете ги сите во производство на оружје“
„Ние сме во ситуација кога едноставно можеме да ја изгубиме Русија“, рече Пригожин. „Мораме да воведеме вонредна состојба. За жал… мораме да објавиме нови бранови на мобилизација, мораме да ги ставиме сите кои можат да работат да работат на зголемување на производството на муниција. Русија треба да живее како Северна Кореја неколку години, односно да ги затвори границите… и да работи напорно“, објасни тој.
Наведувајќи го гневот на јавноста поради луксузниот начин на живот на богатите и моќни Руси, Пригожин предупреди дека луѓето со „вили“ можат да упаднат во нивните домови. Тој ја издвои за пример Ксенија Шојгу, ќерката на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, која беше забележана на одмор во Дубаи со нејзиниот вереник Алексеј Столјаров, фитнес блогер.
„Требаше да ме наречат месарот на Путин“
Пригожин, кој заработи богатство и го доби прекарот „готвачот на Путин“ благодарение на владините договори за угостителство, имаше централна улога во војната во Украина, најпрво распоредувајќи ги своите платеници на првите линии, а подоцна и големите регрутации од затворите за да ги зајакне ослабените сили на Москва. Пригожин во интервјуто изјави дека не знае да готви и дека новинарите требало да го нарекуваат „месарот на Путин“.
„Вагнер“ го предводеше нападот врз Бахмут, кој кулминираше оваа недела кога Путин го прогласи градот под руска контрола, што е негова прва значајна територијална придобивка од минатото лето. Украина инсистира на продолжување на борбите на периферијата на градот.
„Елити, испратете ги своите момчиња во војна“
Во интервјуто за Долгов, Пригожин изјавил дека го водат љубовта кон својата земја и лојалноста кон Путин, но и остро ја критикуваше војната која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“. Наместо демилитаризација, рече тој, инвазијата ја претвори „украинската армија во една од најмоќните во светот“, а Украинците во „нација позната на целиот свет“.
„Мој совет до руските елити – земете ги своите момчиња, пратете ги во војна, а кога ќе одите на погреб, кога ќе почнете да ги погребувате, луѓето ќе речат дека сега сè е фер“, рече Пригожин во интервјуто.