Шефот на руската платеничка група „Вагнер“ Евгениј Пригожин во гласовна порака објавена денеска изјави дека групата моментално не регрутира борци, но дека тоа најверојатно ќе го прави во иднина.
Иднината на групата „Вагнер“ и Пригожин е нејасна откако тој водеше краток бунт против рускиот одбранбен естаблишмент кон крајот на јуни.
Официјална Москва тогаш објави дека тој и некои од неговите борци, кои се бореле во некои од најжестоките битки во војната во Украина, ќе заминат во Белорусија.
И покрај тоа, Пригожин присуствуваше на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин пет дена по бунтот и беше фотографиран минатата недела во Санкт Петербург, каде Путин беше домаќин на африканските лидери, пренесува „Ројтерс“.
„Денеска ги дефинираме нашите следни задачи, чиишто контури стануваат се појасни и појасни. Тоа се, несомнено, задачи што ќе се извршуваат во име на Русија“, рече глас што звучеше како оној на Пригожин.
По јунскиот бунт, Кремљ објави дека борците на „Вагнер“ кои не учествувале ќе бидат префрлени во редовната армија, потпишувајќи договори со министерството за одбрана.
Очигледно алудирајќи на ова, Пригожин во гласовната порака рече дека „за жал“ некои од неговите борци се префрлиле во други „структури на моќ“, но рече дека бараат да бидат вратени, пренесе „Ројтерс“.
„Се додека не чувствуваме недостиг од персонал, не планираме да извршиме нови регрутации“, рече Пригожин и додаде:
„Сепак, ќе ви бидеме исклучително благодарни доколку останете во контакт со нас и штом татковината треба да создаде нова група која ќе може да ги заштити интересите на нашата земја, ние секако ќе започнеме со регрутирање“.