Тешка недела за британското кралско семејство откако Бакингемската палата објави дека на кралот Чарлс му бил дијагностициран рак. Здравствени проблеми имаше и принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, па пред повеќе од три недели направи операција на абдоменот. Сега се опоравува.
Како јасен знак на закрепнување, Кејт им се придружи на својот сопруг, принцот Вилијам и нивните три деца на одмор во имотот Сандрингам во Норфолк, каде што и кралот се опоравува.
„Кетрин добро закрепнува. Се радуваше на промената на средината и да може да се опушти во Норфолк додека децата се забавуваат со Вилијам“, изјавил пријател на војвотката за „Дејли Мејл“.
Принцезата пред 12 дена била отпуштена од лондонската клиника каде поминала речиси две недели. Во единствената изјава од Кенсингтонската палата за нејзиното здравје, портпаролот рекол дека „врз основа на сегашните медицински совети, таа веројатно нема да се врати на јавните обврски и должности пред Велигден“.
Портпаролот не објасни за природата на нејзината операција, но изворите велат дека не станува збор за рак. Откако ја напуштила болницата, принцезата била во Аделаида Котиџ, семејниот дом со четири спални соби во Виндзор парк.
Нејзините деца, принцот Џорџ (10), принцезата Шарлот (8) и принцот Луис (5) одат во училиштето Ламброк, кое е оддалечено 15 минути возење од Беркшир. Принцот Хари не бил поканет во Сандрингем и неговата средба со неговиот татко траела 45 минути во Кларенс Хаус, додека семејството на Кејт Мидлтон би можело да биде со кралот во Сандрингем.
Принцезата и нејзиното семејство ќе престојуваат во Анмер Хол, нивниот дом со десет спални соби на имотот Сандрингам. На добротворниот настан во средата, Вилијам ѝ се заблагодари на јавноста за пораките за поддршка.