Пријатели и истомисленици го убедиле Таравари да се кандидира за претседател, се спореди со Обама

од Nikola Popovski

Дојде време државата да има вистински претседател Албанец, а не технички. Кампањата да биде приказна за европеизација и триумф. Промената започна, изјави лидерот на АА и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари кој денеска ја најави кандидатурата за претседател на државата, поддржан од Европскиот сојуз за промени.

Бара поддршка од целиот народ и сите партии, односно сите што сметаат дека тој е човекот што треба да ја предводи земјата во наредните години. Најави дека ќе се собираат потребните потписи за неговата кандидатура.

-Инсистирањето беше и од пријатели, другари и истомисленици. Седнавме со партиите од опозицијата и сега сме заедничка албанска опозиција. Ова тело ќе го официјализираме во сабота. Дојдовме до констатација дека најдобро би било јас да бидам кандидат за претседател. Ова го одлучив синоќа доцна. Мислам ќе добиеме поголема поддршка од тоа што очекуваме, потенцира Таравари од центарот на Гостивар.

-Ако одевме со ДУИ, ќе ни саботираше гласачи, а нас ни треба кредибилитет како што почнавме пред 10 години. Почнавме како фракција од ДПА. Имаме партнери и заедно со нив ќе ја донесеме долгоочекуваната промена во албанскиот блок, додаде првиот човек на Алијанса.

Речиси е сигурен дека ќе влезе во вториот круг од претседателските избори.

-Понатаму со Господ напред. Ако во САД може еден човек со црна боја на кожа да биде претседател (Барак Обама), зошто тогаш и во Македонија, Албанец да не биде, посочи Таравари.

Слични содржини