Во текот на октомври 2023 година, извршен е разговор со Б.А.(45) од кичевското село Зајас, поради сомнение дека организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани, информираат од Охридската полиција.
Известен е надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, во СВР Охрид досега нема официјално доставена пријава за борба со кучиња, но апелираме до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица.
Додаваат дека СВР Охрид, презема интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање на лица, организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.
Иницијативата за заштита на животните, „Лајка“ пред два дена сподели со јавноста дека во околината на Охрид, на излезот према Струга, на јавна површина има направен ринг за борби на кучиња. Како што истакнуваат оттаму, лица кои ѝ се добро познати на полицијата, организираат борби. Бараат реакција од надлежните, особено од Министерството за внатрешни работи и Општина Охрид.