Кошаркарот Никола Јокиќ на претстојните Олимписки игри ќе го носи дресот на српската репрезентација. Веста одекна како бомба откако беше објавен списокот на селекторот Светислав Пешиќ. По прескокнувањето на Светското првенство во Манила, Јокиќ повторно ќе го облече дресот на српската репрезентација и ќе се обиде да донесе медал од Олимписките игри, како што тоа го направи пред осум години во Рио.
Се разбира, ваквиот голем настан за Србија не можел да помине без претседателот Александар Вучиќ. Вучиќ пред шест дена испратил јавна молба до кошаркарот на Денвер Нагетс.
„Многу го сакам, многу го почитувам него и неговото семејство и ако може – ова е моја молба до него, да одговори на повикот на селекторот. Да се надеваме. Канаѓаните ќе бидат многу силни со Џамал Мареј и Шеј Александар, а против нив и Американците ќе биде многу тешко, но ако некој може да ги победи, тоа е само Србија“, објавил Вучиќ.
Дали Јокиќ го послушал барањето на претседателот Вучиќ или неговата одлука се водела од други мотиви, во овој момент не е толку важно, но претседателот почувствувал потреба да му се заблагодари за тоа, но и да ги изрази своите високи очекувања.
View this post on Instagram
„Голема благодарност до најдобриот играч на планетата и голема благодарност до сите други српски репрезентативци. Без разлика какви резултати ќе постигнете во Франција, Србија ќе биде со вас. Само сакам да ви кажам дека цела Србија се надева дека ќе ја победите најсилната американска репрезентација на сите времиња. Да му покажеме на светот кој е најдобар и кој е непобедлив. Да живее Србија“, напишал српскиот претседател на Инстаграм.