Прилeпчанец фатен со 35 килограми марихуана во „Голф“

Откриени над 30 килограми марихуана, предложен притвор за еден осомничен

од Nikola Popovski
6 прегледи

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Вчера, на магистралниот пат А3 Битола-Прилеп, во близина на кружниот тек за селото Тополчани, полициски службеници запреле и извршиле преглед на автомобил „Фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки во кој осомничениот неовластено пренесувал две патни торби. Во внатрешноста на торбите се наоѓале вкупно 35 најлонски пакувања наркотичната дрога марихуана. Вкупната тежина на дрогата откриена во багажниот простор на автомобилот изнесува 32,575 килограми.

Во текот на истражната постапка, јавниот обвинител ќе преземе и повеќе дејствија за откривање на лицето/лицата од кои осомничениот ја набавил наркотичната дрога, како и на потенцијални сведоци во врска со извршеното недозволено пренесување. Поради опасноста осомничениот 36-годишник од Прилеп да се обиде да прикрие или уништи определени докази и да влијае врз сведоците, како и поради ризикот од бегство и можноста да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска достави предлог за определување мерка притвор.