Иако сум свесен дека сум дел од групата ризични граѓани, каде шансите се поголеми да се заболиш и да развиеш компликации од вирусот, сепак како лекар, кој ја положил Хипократовата заклетва, решив да бидам во иста линија со моите колеги доктори, објави денес Илија Јованоски.
Имено, градоначалникот на општина Прилеп, кој инаку е специјалист ортопед, од денес ќе биде дел од Инфективното одделение во Прилеп.
Познато е дека состојбата со вирусот е загрижувачка и дека постои недостиг на медицински кадар, па оттаму тоа е причината за ваквиот негов потег.
„Како волонтер ќе бидам секојдневно присутен во Инфективното одделение и како доктор со долгогодишно искуство ќе им помагам на колегите и пациентите во справувањето со коронавирусот. Тоа ќе го правам сѐ додека има потреба од дополнителен медицински персонал и согласно развојот на ситуацијата со вирусот“, истакна денес Јованоски пред Инфективното одделение.
Тој исто така потенцираше и дека нема да ги занемари градоначалничките обврски, кои засега се во мал број. Па, ја искористи и приликата да ги повика сите колеги кои се во можност, да ускокнат во битката против Ковид 19.
„Свесен сум дека припаѓам во ризичната група граѓани, над 60-годишна возраст, кај кои се поголеми шансите да заболат и да развијат потешки компликации од вирусот, но како лекар кој ја положил Хипократовата заклетва одлучив да застанам рамо до рамо со моите колеги доктори, на кои во овие исклучително тешки моменти им е потребна секојдневна помош во битката за спасување човечки животи. Мојот личен пример нека биде поттик за сите лекари, доктори специјалисти, сестри од матичните амбуланти, болничари и друг медицински персонал, да се вклучат и согласно нивното слободно време волонтерски да им помогнат на колегите од прилепската болница во борбата со вирусот“, истакна Јованоски.
Инаку, само во изминатата недела, во Прилеп има 377 нови случаи на заразени, 106 пациенти се на болничко лекување и 15 пациенти починаа како последица и компликација од коронавирусот.