Претседателскиот кандидат Драган Приморац се огласи на Фејсбук откако вчера во првиот круг од изборите во Хрватска го освои второто место зад актуелниот претседател Зоран Милановиќ.
„Благодарам на сите што излегоа на гласање. Најпрво ви благодарам на сите кои ми го дадовте гласот и довербата. Им благодарам и на сите останати кои излегоа на гласање и го дадоа својот глас на другите кандидати. Тоа е суштината на демократијата, можноста за избор и спротиставени ставови, мислења и факти“, напиша Приморац.
„Верувам дека сите ја научивме лекцијата. Дали навистина сакаме да го гледаме истиот филм во следните пет години? На сите нас е да одлучиме – во недела, на 12 јануари, сакаме да го избереме моменталниот начин на работа и комуникација што ги нуди Зоран Милановиќ или сакаме нешто поинакво и подобро од тоа?“ нагласи тој.
„Време е да се запрашаме и да донесеме одлука со која ќе можеме да бидеме задоволни кога ќе завршат изборите и кога ќе продолжиме со нашите животи. Да одиме на избори и да не дозволиме другите да одлучуваат за нашата и судбината на нашата Хрватска. “, рече тој.