„Принципиелноста и лојалноста пред имињата“: Постојат ли во Македонија нови и „неизвалкани“ кадри кои можат да ги водат институциите?

од Nikola Popovski
5,K прегледи

Коце Трајановски, Александар Пандов, Ивица Томовски, Игор Јанушев, Андон Чибишев… се само дел од кадрите кои ВМРО-ДПМНЕ ги назначи како директори и раководители во државните институции и јавни претпријатија. Дел од јавноста обвинува дека поставени се „отпишани“ кадри, односно лица кои исто така извршуваа некаква јавна функција додека со државата раководеше тогашното ВМРО-ДПМНЕ на екс-премиерот Никола Груевски.  Се чини дека ја нема потребната „свежина“ на кадри со која премиерот Христијан Мицкоски се фалеше и ја најавуваше во предизборниот период. Барем таков е ставот на сега веќе опозициската СДСМ. Според портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, новата владеачка партија посегна по стари кадри. „Наместо професионализација и промени коишто се ветуваа гледаме партизација пред квалификација. Многу малку може да се забележат некои свежи кадри или некомпромитирани професионалци. Ова што го прави ВМРО-ДПМНЕ на почеток на мандатот не е промена. Граѓаните не гласаа за враќање назад туку за промена која воопшто не се случува и тешко дека ќе се случи“, ќе каже Кузеска на прес-конференција.

Каква порака сака да упати Мицкоски со овие назначувања?

Дел од јавноста е категорична дека најважна е лојалноста со поставувањето на кадрите. Според политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ, и самиот Мицкоски е кадар на Груевски.

-Сите „usual suspectsy“ се тука, на купче, на број. Сите тие херои на инволуцијата, поточно, опслужувачи, тука се. Се’ е тоа една иста „љотиќевска“ калакурница, политичка мистична магија, „патриотско“ христијанство за работниците, селаните и „чесната интелегенција“, како што се нарекуваше во времето на самоуправниот социјализам. И сите тие кои ги набројавте се тука за себе и својата клиентела, а „народот“ со кого лицитираат, претставува ништо друго освен декор за нивната инсталиција. Не заборавајте, диктатурите брзо се инсталираат, а тешко се рушат. А и во денешниот контекст, се сомневам дека некој дава пат пари за слобода и правото на личен идентитет. Нели гледате, сите дуваат во тој колективистички идентитет од кој поединците исчезнуваат, како што исчезнуваат и добрите општествени енергии. Во такви околности, коло водат најлошите меѓу нас, објаснува аналитичарот во разговор за „Локално“.

Ненад Јовановиќ

Околу тоа дали Македонија има нови кадри за да ги водат институциите, Јовановиќ прави споредба: „Тоа е дел од приемен испит ако сакате да бидете на функција и добиете државно претпријатие. Посебно ако почнете да урлате и кукате над нашата тажна судбина, верувајте, нема да биде далеку денот кога ќе ве примат во МАНУ“.

Според аналитичарот, „ако така ја разберете политиката, само небото ќе биде ваша граница“.

-Да ви дадам еден личен пример: мене луѓето ме препознаваат како голем поддржувач на Зоран Заев, ама забораваат една работа: јас Заев го поддржував пред се’ затоа што беше расен опозиционер, СДСМ после деценија ја доведе на позиција на моќ, реши тридецениски спор, ја внесе земјата во НАТО, ја додржа СДСМ седум години на власт. Притоа, водеше влада која во некоја смисла беше „малцинска“. Кога Заев побара поддршка за да го симне ДУИ од власт, „народот“ му даде „плус два“ пратеника; кога националистите од ВМРО-ДПМНЕ му побараа поддршка на народот за да го развластат ДУИ, добија „осумедесет пратеници“. Така што, верувам дека разбирате што сакам да ви кажам. Фати некој локален, државен, регионален, светски десничарски бран. И политиката не може да се гледа и набљудува надвор од контекстот, смета Јовановиќ.

Сепак, тој не верува дека се уште се слуша зборот на Груевски во неговата поранешна партија. Дециден е дека моќта во ваква земја секогаш оди на страна на оној што е шеф на извршната власт, а тоа во моментов е премиерот Мицкоски.

-Од таа позиција може да се направат многу добри работи, ама исто така од таа позиција може да се направат и многу лоши работи по луѓето и материјалот, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. Како може да биде Груевски шеф, ако во Мицкоски во моментот се вплеткани милион интереси? Нема ништо од таа работа, посочува соговорникот и истакнува дека пораката на Мицкоски со овие кадри е дека „е претседател на Владата и дека му се може и дека ќе прави онака како што тој сака“.

-И дека ќе се скрива позади бројката од 500.000 илјади граѓани. Тоа, за жал, е стратосфера од моќ, пари и интереси. Само се плашам дека една работа заборава: тоа не е целиот лигитимитет од „политичкиот колач“ во земјава. Милион и сто илјади граѓани на овие избори не се изјаснија. Поточно, останаа дома. Така што, иднината на оваа земја ја одлучуваат некоја бројка од 700 до 800 илјади гласачи, не повеќе. Во секој случај не очекувам дека нешто ќе тргне на добро. Повторно ќе се ждере, пие и вози на државна сметка. И се разбира, ќе се бустира тоа националистичко колективно тело дека е загрозен од домашните „предавнци“ и соседите грабрливци. Вечно зачаран круг. Лоша бесконечност, заклучува Јовановиќ.

Со сличен став е и професорката Ана Чупеска. Смета дека од имињата, побитна е принципелноста. Во краток разговор за „Локално“, истакнува дека за воспоставување на мерит систем (како што беше најавувано во кампањата) важни се квалификациите, а не лојалноста на кандидатите кон партија, лидер и сл.

Ана Чупеска

Сепак, Чупеска смета дека во земјава има нови, „неизвалкани“ и квалитетни кадри, кој, според неа, за жал се во дефанзива, поради целокупното влијание на партиите врз институциите, особено врз системите за регрутација на раководни места.

-Немам сомнеж дека се слуша гласот на Груевски. ВМРО-ДПМНЕ никој пат јавно не се оградија од неговиот авторитаризам (за кои се учи во областа на политичките науки ширум светот), ниту се оградија или извинија за масовите злоупотреби на човековите права (како што беше прислушувањето). Оттука не гледам причина дека неговото влијание е исчезнато. Напротив, порача професорката.

Н.П.

Слични содржини