Министерот за одбрана на Република Словенија, Марјан Шарец на отворањето на мостот во Межица денес истакна дека Словенечката армија набрзо по поплавите почнала да го гради овој привремен мост, а во изградбата на мостот учествувале претставници на Македонската армија.
„Благодарение на инженерите мостот денес стои. Навистина ни требаше, важно е за локалното население и за економијата. Мило ми е што за кратко време е изграден на таков начин“, напиш тој во објавата на Фејсбук.
Началникот на Генералштабот на Словенечката армија, генерал-потполковник Роберт Главаш потенцираше дека Словенечката армија од самиот почеток учествува во отстранувањето на последиците од поплавите.
„Ние помагаме каде што можеме. Мислам дека оваа помош е огромна. Овој мост го изградивме заедно со членовите на македонската војска за четири-пет дена“, стои во објавата на Фејсбук.
Како помош за справување со последиците од поплавите во Словенија од Македонија заминаа 100 припадници на Армијата.