Приштина му го одобри барањето на Вучиќ за влез во Косово

од desk2
112 прегледи

Косовското Министерство за надворешни работи потврди дека му издало дозвола на претседателот на Србија Александар Вучиќ за викендов да го посети Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Јетлир Зиберај, советник на шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли, изјави за „Газета Експрес“ дека на српскиот претседател му е издадена дозвола за влез во Косово.

– Вучиќ побара, согласно процедурите, дозвола за влез во Косово и барањето му е одобрено, изјави Зиберај.

Претседателот на Србија, според најавите, ќе престојува во Косово на 8-9 септември, ден по состанокот со неговиот косовски колега Хашим Тачи, што ќе се одржи во Брисел во рамките на преговорите за нормализација на односите меѓу двете држави.