Во Собранието на Република Македонија денес официјално пристигна Предлог-законот за ратификација на Договорот за партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, склучен меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Станува збор за значаен чекор во насока на зајакнување на билатералната соработка и имплементација на крупни инфраструктурни иницијативи, меѓу кои се вклучени изградба и реконструкција на железничка мрежа, нов студентски дом, болнички капацитети, хидроцентрали и други капитални проекти од стратешко значење.
Од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, истакна дека станува збор за „историски договор“ и нагласи дека целокупниот процес ќе биде транспарентен, со јавно достапни детали.
„Ништо нема да биде скриено од јавноста и секој детал ќе биде јавно објавен. Ова е историска работа за нашата држава. Заедно со граѓаните се обврзавме на обнова на Македонија и тоа го правиме секој ден. Тие се нашиот партнер!“, изјави Мицевски.
Договорот со Обединетото Кралство следува по претходниот стратешки договор со САД, и се оценува како уште еден значаен успех за Република Македонија во областа на меѓународната соработка и развој на стратешката инфраструктура.