Израелската војска започна нова и помалку интензивна фаза на инвазијата на Газа, изјави главниот воен портпарол Даниел Хагари, по долготрајниот притисок од САД и другите сојузници да го намалат обемот на офанзивата која предизвика широко распространето уништување и цивилни жртви.
Контраадмиралот Хагари рече дека во таа фаза ќе бидат вклучени помалку копнени сили и ќе има помалку воздушни напади.
Тој најави дека Израел ќе продолжи да го намалува бројот на војници во Газа, процес кој започна во декември.
Хагари, навестувајќи дека Израел ги разнишал воените капацитети на Хамас во северна Газа, изјавил за „Њујорк Тајмс“ дека армијата сега ќе се фокусира на упориштата на организацијата во јужниот и централниот дел на палестинската територија, особено околу градовите Кан Јунис и Деир ал – Балах.
Тој, исто така, објави дека Израел има за цел да ја олесни испораката на повеќе хуманитарна помош, вклучително и шатори за раселување на луѓето во Газа.
Ова го изјави портпаролот пред пристигнувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Израел, како дел од турнејата во регионот со цел да се спречи ескалација на војната во Газа во регионална војна.
Сепак, не е јасно дали новата фаза од израелската офанзива ќе биде помалку опасна за палестинските цивили.
Здравствените власти во Газа продолжуваат да известуваат за смртта на десетици луѓе во секојдневните воздушни напади.
Во понеделникот беше објавено дека претходната ноќ биле убиени 247 луѓе, што е најголем број убиени во еден ден од почетокот на војната.
Израелските сили го бомбардираа Кан Јунис и централна Газа за време на судирите во тие области, навеле жителите.