По трагедијата во дискотеката во Кочани, на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши му е одредена мерка притвор од 48 часа, како и на поранешниот директор на ДПИ, Горан Трајковски, откако судот го прифати барањето на обвинителството.
Судот во Кочани го прифати барањето на обвинителството Бектеши заедно со уште седуммина осомничени да биде испратен во „краткотраен притвор“, додека се уште се чека да се утврдат поголем број докази во постапката.
Притвор од 48 часа доби и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути. Приведени се и неколку лица кои биле обезбедувачи во дискотеката.
Претходно исказ даде и градоначалникот Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка. За него засега нема изречени мерки. Во предистрагата се вклучени девет обвинители, се чешлаат мобилни телефони и документација во Министерството за економија.
Најмалку 59 лица загинаа во пожарот што избувна ноќта меѓу саботата и неделата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Најмладата жртва има само 14 години. Повредени се најмалку 150 лица, кои првично беа пренесени во болниците во Кочани, Штип и Скопје, а потоа оние најкритичните итно префрлени во околните земји, но и други држави низ Европа.