Притвор за екс-државниот правобранител осомничен за поткуп од 50 илјади евра

Според Обвинителството, осомничениот Стафа од октомври па се до завчерашниот ден примил 50.000 евра за да влијае врз судија

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа осомничен дека побарал и примил поткуп за да влијае врз судија од Апелациониот суд за на негов клиент да му се укине мерката притвор, соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Против него е почната наредба за истрага и на товар му се става кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. Според Обвинителството, осомничениот од октомври па се до завчерашниот ден примил 50.000 евра за да влијае врз судија.

„Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ојогокк води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Пред да биде уапсен поранешниот државен правобранител побарал и директно примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал. Од МВР соопштија дека при претресите кај него биле пронајдени парите по што бил приведен.

Јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд побара на Стафа да му се определи мерка притвор поради можност за бегство и сомнеж дека може да изврши нови кривични дела.

Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен првобранител од 2018 година до 2022 година.