Масерот Сава Кнежевиќ (23) и неговата мајка Данијела (49), инаку цвеќарка по професија, биле уапсени утрово за надрилекарство, при што се осомничени дека досега осакатиле неколку лица, лажно претставувајќи се како пластични хирурзи. Како што дознаваме, Првото основно јавно обвинителство во Белград наредило Кнежевиќ да биде притворен до 48 часа, а обвинет е за осакатување на пет лица.
Имено, Сава Кнежевиќ, лажно претставувајќи се како естетски хирург, имал канцеларија во центарот на Белград, каде оперирал и осакатувал многу жени. Ординацијата била опремена со најскапа опрема и се наоѓала на атрактивна локација во центарот на Белград, но околу неа немало никаква назнака дека се работи за медицинска установа. Хируршите зафати се вршеле на импровизирана маса за операции поставена на застаклена тераса, а на „докторот“ Кнежевиќ му помагал цел медицински тим, за кој полицијата сѐ уште открива дали биле измамници како и газдата, или се работи за вистински лекари кои не знаеле за кого работат.
Потоа им издал медицински извештаи на пациентите со пропишана терапија-лекови без печат и со лажен број на лиценца, за договорена такса, што резултирало со сериозни здравствени проблеми за пет лица досега.
Во тоа му помагала неговата мајка, која примала пациенти во нерегистрирана канцеларија и од нив земала финансиски надомест, иако таа знаела дека нејзиниот син нема лиценца за работа.
Уапсениот Кнежевиќ имал поминато само прва година на Стоматолошки факултет, а работел како масер со завршен курс. Наместо да ги разубави, како шо им ветувал, лажниот доктор на многу жени им предизвикал лузни, изгореници и дупки на разни делови од телото од каде земал мрсно ткиво за пресадување во гради или во уста. Дел од пациентките кои го пријавиле и го тужат Кнежевиќ, велат дека им бил загрозен и животот.
Како што пишуваат медиумите, Кнежевиќ во последните месеци дури и го проширил „бизнисот“ и почнал да им нуди на странци аранжмани за вакцинирање во Србија, по цена од 600 евра за две дози.
Во понатамошниот тек на истрагата, Првото основно јавно обвинителство во Белград објави дека ќе испита оштетени, можни сведоци, ќе добие медицинска документација, ќе нареди вештачење и ќе презентира други докази доколку е потребно, по што ќе се донесе одлука за понатамошно постапување .