Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Оштетување туѓи предмети од член 243 став 2 од Кривичен законик.
На 11 јануари, осомничениот од омраза ја оштетил влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија, така што со камен го скршил стаклото на вратата и веднаш се одалечил во непознат правец.
Јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка притвор спрема осомничениот бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и околности го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело.
Од МВР наведуваат дека веднаш по пријавувањето на инцидентот биле преземени интензивни мерки и активности за идентификување и пронаоѓање на сторителот, по што лицето било приведено.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски го осуди инцидентот кој, според него е изолиран настан, без огромна материјална штета.