Притвор за советничка од Прилеп-наместо да напише казна барала поткуп

од Берта Китинска
268 прегледи

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Прилеп.

Осомничената 37-годишна жителка на Прилеп, како што известија од обвинителство во својство на службено лице – советник во Државниот инспекторат за земјоделие – Подрачна единица Прилеп, на 16 март директно побарала парични средства од оштетениот раководител во подружница на земјоделска аптека во селото Кривогаштани за да не изврши службено дејствие што би морала да го изврши.

– При вршење инспекциски надзор во објектот таа пронашла два артикла со поминат рок на важење и оштетениот го известила дека треба да му напише парична казна за прекршокот во висина до 32.000 евра. Бидејќи оштетениот изреагирал на висината на казната, за да не му напише прекршочна казна за него како физичко лице и за фирмата, обвинетата побарала да и даде пари во износ од 63.000 денари, велат од прилепското обвинителство.

Од обвинителство објаснуваат дека оштетениот и кажал дека во моментот нема пари кај себе и побарал од неа време да размисли.

– Попладнето истиот ден таа повторно се јавила кај оштетениот и го прашала што одлучил, па тој побарал да се сретнат следниот ден во угостителски објект во Прилеп за да и ги предаде парите. На средбата тој извадил кутија од таблетки од Д3 витамин во која биле спакувани парите и ги предал, а таа ги ставила во чантата. По лишување од слобода, кај осомничената биле пронајдени 32-те обележани банкноти во апоени од 2.000 денари, информираат од обвинителство.

Против осомничената надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување на мерка притвор до судијата на претходна постапка. Судот го прифати предлогот и со решение на осомничената и определи мерка притвор во траење до 30 дена.

Слични содржини