Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен предлог против лицето од велешкото село Горно Оризари кое предизвикало пожар, палејќи седишта од автомобил.
-Обвинетиот 25-годишник, на 21 јули, на дива депонија во селото, со умисла предизвикал пожар, палејќи стари седишта од автомобил. Бидејќи местото било обраснато со сува трева, а на депонијата имало и бали суво сено и други предмети, огнот брзо се проширил. Со тоа обвинетиот предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето и по имотот во околните села. Опасноста да биде предизвикана штета од големи размери со ваквите дејствија на обвинетиот е особено изразена со оглед на алармантната состојба со пожарите во околината на Велес и на територијата на целата држава.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и ја определи бараната притворска мерка, информираат од Обвинителството.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска информира дека полицијата е фокусирана на откривање на сите сторители и предизвикувачи на пожари кои што ги нарече „национална катастрофа“. Досега има двајца осомничени за два кривично-правни настани и се преземени соодветни чекори од аспект на откривање на вистината и процесуирање до надлежни органи.
По две недели, пожарот на Серта е изгаснат. Повредени се неколку пожарникари и e предизвикана голема еколошка штета. Во земјава остануваат уште неколку активни пожари, а најкритично е во Македонски Брод каде огнените јазици се шират кон резерватот јасен.