Приватниците до петок ќе возат само до 10 часот, тврдат дека има огромен долг кон нив

од Nikola Popovski
66 прегледи

Дел од приватните превозници во јавниот градски превоз во Скопје тврдат дека долгот кон нив е огромен и дека дел немаат земено пари од јануари. Денеска на прес-конференција побараа финансии за да можат да продолжат да ги услужуваат граѓаните со своите возила. До петок како предупредување ќе возат само до 10 часот изутрина, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму.

-Превозниците се задолжени на сите бензиски пумпи. Дел од превозниците имаат и опомени за тужба од бензиските затоа што огромни суми сме задолжени. Не знаеме што да кажеме. Уште ден-два ќе има редуциран превоз…Големо извинување до патниците, но сакаме да им кажеме на овие горештини да не не чекаат. Ако снема нафта, нема да возиме понатаму, рече еден од претставниците на превозниците.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска неодамна праша „кој на граѓаните ќе им го надомести стресот кој што е пласиран со информациите дека нема да има приватни автобуси на улиците“.

-Непознат извор, кажал возач…Кој ќе ја надомести штетата на граѓаните? Зошто континуирано се штети на целиот процес и се што е во Градот Скопје само заради политички пресметки. Јас колку што знам такви долгови нема. 140 милиони денари се премногу пари. Тие информации треба да се проверат со ЈСП. Градот Скопје нема никаков финансиски односи со приватните превозници, кажа Арсовска во емисија.

Градоначалничката е децидна дека нема застој во приватниот превоз.

-Јавниот превоз функционира нормално, додаде Арсовска.

Скопјани речиси две години се жалат од јавниот превоз, бидејќи автобусите се нередовни, а кога доаѓаат се преполни со патници. Приватните превозници штрајкуваа половина година, од декември 2022-та, до мај лани поради долг од еден и пол милион евра.

Во изминатите денови проструи информација дека приватните превозници ќе ги паркирааат автобусите во гаражите. Беше објавено дека ќе возат само од 5 до 10 часот.

Слични содржини