Авионот со кој лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун неделава пристигна во Кина официјално се нарекува Чамае-1 (гугутка – птицата национален симбол на неговата земја). Сепак, некои западни медиуми го нарекоа леталото – Air Force Un – како изведенка од Air Force One и името на лидерот.

Авионот е произведен во Советскиот Сојуз, и е украсен со натпис „Северна Кореја“, знамето, грбот и уште еден натпис кој вели: „Претседател на Комисијата за државни работи”, како што гласи официјалниот назив на функцијата на Ким.
Лидерот на Северна Кореја не е претседател на земјата, оти таа титула се уште му припаѓа на неговиот дедо Ким Ил-сунг кој почина 1994 година.
Ретки се приликите да се види внатрешноста, а снимките се преземени од севернокорејските медиуми. На масичката од лакирано дрво, се гледаат телефон, рутер и лаптоп во сребрена боја.
Но, и покрај префинетиот изглед, познавачите изразуваат сомнеж во безбедноста на авионот, пред сѐ поради староста.