Приватните превозници од понеделник се враќаат на скопските улици

од Milan1
26 прегледи

Приватните превозници се враќаат на улиците, од понеделник наутро, но не во целосен капацитет. Со цел да помогнат граѓаните да не чекаат со часови по станиците на минусни температури ќе возат и наутро, наместо само попладне како што беше подолг период. Тие велат дека ќе возат онолку време колку што ќе имаат финансиска можност и со ваквиот потег подаваат рака кон градските власти за да се решат нивните проблеми.

Приватните превозници бараат состанок во проширена форма со градските власти и Владата. Се бара покачување на цената по километар и раст на платите согласно растот на трошоците за живот оти вака не можат да опстојат. Бараат да бидат плаќани преку градот, а не преку ЈСП.

Владата пак крои долгорочно решение кое треба да им овозможи на граѓаните стабилен превоз. Се анализира финансиската можност за набавка на над стотина електрични автобуси кои ќе бидат не само за Скопје туку и за останатите општини каде има организиран јавен превоз

Инаку, Владата на вонредна седница одобри 250 илјади литри нафта од државните резерви за ЈСП како привремено решение по колабсот на јавниот сообраќаен превоз во средата и четвртокот кога на улиците имаше само 25 автобуси. Оваа количина ќе биде доволна за неколку дена и затоа Премиерот Мицкоски апелираше до ЈСП да ги набави количините кои се потребни за да може претпријатието да функционира.

ЈСП се снабдуваше со гориво од нафтената компанија Пуцко петрол, кон која има долг од 10 милиони евра. Договорот беше склучен во 2022-рата година, во вредност од 27 милиони евра, по 118 денари за литар.

Слични содржини