Приватните превозници се вратија во сообраќај, но не со полн капацитет

од Nikola Popovski
117 прегледи

Автобусите на приватните превозници од денеска се вратија во сообраќај. Ова беше утврдено по завчерашната координативна средба во Град Скопје. На почетокот на годинава ќе потпишат нови договори со нова цена по изминат километар која допрва ќе се утврдува. На средбата беше постигнат договор во рок од 15 дена независни експерти да направат анализа колку точно ќе добијат зголемување по изминат километар.

Сепак, од она што можеше да се види утрово, не возат со полн капацитет, туку со дел од нивните автобуси. Причината е количината на нафта што ја имаат во моментов. Oттаму велат дека во полн капациетет ќе сообраќаат по подмирувањето на долгот.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Mартин Стојановски со став дека треба да се почитува заклучокот за зголемување на цената по изминат километар за 30 денари кој беше изгласан од мнозинството на Советот на Град Скопје, што беше и барање на приватните превозници. Ја напушти средбата поради како што вели, недолични зборови упатени кон него. Побарал предлог и од градоначалничката Арсовска за излез од кризата во јавниот сообраќај, но не добил.

Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски во изјава за медиумите дадена по координативната средба изјави дека новите цени треба да се применуваат од 1 јануари. Првично приватниците најавија блокади на улиците и булеварите, но, поради новата ситуација ја смирија топката и се враќаат во сообраќај.

Предлогот на советниците од опозицијата пак, е нова методологија за пресметка на цената по изминат километар која би требало да биде вкалкулирана во буџетот за 2025 година.

Цената по изминат километар е проблем на кој му се гледа крајот, но долгот на ЈСП околу 50 милиони денари кон приватните превозници останува.

Автобусите на ЈСП сè уште возат на гориво позајмено од државните резерви. Скопјани стравуваат дека повторно нема да имаат јавен превоз, доколку нема набавка. Дел револтирани што проблемот се решава на нивна сметка.

Првиот човек на ЈСП потврди дека банкарската сметка на претпријатието е блокирана поради долг кон набавувачот на гориво. Но, од синдикатот велат, долгот е поради неплатените сметки за превоз на студенти и пензионери од Владата, а со тие средства ќе се порамни и долгот за гориво. Смируваат дека ќе има гориво за наредните денови.

Слични содржини