Приватните специјализанти излегуваат на генерален штрајк

од Nikola Popovski

Приватните специјализанти излегуваат на генерален штрајк пред интерните клиники. Велат дека и покрај одржаниот протест на 27-ми март и средбата со министерот Демири, сè уште не биле исполнети нивните барања.

На последните две владини седници не било разговарано за надминување на нивните проблеми.

Како што велат приватните специјализанти при Универзитетите за медицински науки „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“ од Штип, биле принудени од денеска да стапат во генерален штрајк кој ќе трае се до исполнување на нивните барања, повисока плата, бесплатно здравствено осигурување и трансформација на сите приватни специјализанти во државни.

Од Министерството за здравство, во четвртокот, беше кажано дека по средбата со приватните специјализанти, изготвен бил извештај и доставен е до Владата. На некоја од седниците, како што беше посочено, ќе дојде на разгледување со цел да се видат барањата и можните решенија во овој предизборен период.

-Министерството за здравство секогаш ќе се залага за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти, кои се важни во здравствениот систем. Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Ставот на Министерството е позитивен, со цел да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти, нагласија од Министерството.

Оваа категорија на лекари кои од свој џеб ја плаќаат специјализацијата добија право на месечен надоместок пред 5 години и негова корекција согласно порастот на минималната плата. Сепак, останаа на 26 000 денари, се водат како невработени со договор на дело без ниту еден ден стаж, без платено пензиско и здравствено осигурување. Специјализантите од женски пол немаат ниту платено породилно отсуство.

Пред неколку дена, здравствените работници во организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, поддржани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) протестираа за неселективно вработување, усогласување на платата согласно Законот за минимална плата и зголемување на коефициентите како додатоци на плата. Медицинските работници потсетија и на загриженоста во фелата околу одлевањето на македонскиот медицинскиот кадар во странство.

Слични содржини