Приведен домар во бугарско училиште кој ги повикувал децата да скандираат „Да живее Македонија“

од Nikola Popovski

Бугарските медиуми информираат дека „за антибугарски скандирања и коментари“ бил приведен домар од средното училиште „Никола Војводов“ во бугарскиот град Враца.

Како што објавува тамошната „BTV“, на видеото кое кружи на социјалните мрежи, се гледа како лицето Данаил Петков ги снимало учениците и ги повикувало да скандираат „Да живее Македонија“. Кога едно од деца ќе му возвратело „Да живее Бугарија“, домарот му одговорал со зборовите „Ќе те претепам“.

Според објавеното, домарот се снимал во живо на ТикТок, фотографирајќи ги учениците, како и училишниот персонал. Од „BTV“ известуваат дека лицето користело квалификации како „турко-монголци“ и „бугарофашисти“.

Директорката на средното училиште, Снежанка Каменова објаснила дека за настаните дознала во текот на вчерашниот ден.

„Вчера напладне бев известена од колега дека на социјалните мрежи кружи видео во кое се присутни ученици и е вклучено името на нашето училиште. Ми го испратија, го гледав и се шокирав од тоа што го видов“, објаснила Каменова.

„Нашиот вработен, домарот Петков, си дозволил нелегално да снима ученици, без дозвола од нивните родители. Ги снимал и колегите без нивно знаење и емитувал во живо од неговото работно место, што е апсолутно кршење на работната дисциплина и етичкиот кодекс за работа со деца и студенти“, додала директорката.

Петков се соочува со отказ од работното место. Се уште е неизвесно дали е пуштен од полициската станица и дали против него ќе биде поднесена кривична или прекршочна пријава.

Слични содржини