Приведено лицето кое го симна знамето на МПЦ пред црквата на Попова Шапка, Ангелов бара Ахмети да го осуди вандалскиот чин

од Nikola Popovski

Албанското знаме не е повеќе на јарболот во дворот на црквата “Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка, а црковното знаме ќе биде вратено во секој миг, најави претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, откако вчера две маскирани лица го симнале знамето на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија и го поставиле албанското.

Како што објави Ангелов на социјалните мрежи, лицето кое го симна знамето на МПЦ е приведено. Според него, брзата реакција на институциите, но и јавниот притисок можат да ги намалат провокациите кои ја потпалуваат меѓуетничката нетрпеливост.

-Провокациите никако не треба да се премолчуваат туку на нив треба жестоко да се реагира. Само така ќе се обесхрабрат идните потенцијални провокатори. Реакцијата на општеството на вакви провокации треба да биде обединета и единствена без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга припадност. Верувам дека мнозинството Албанци го осудуваат овој варварски чин на сквернавење на црковното знаме. Единствено не видов претставник на албанските политички фактори во Македонија да излезе со јавна осуда на овој чин, а треба, порача Ангелов, повикувајќи го лидерот на ДУИ Али Ахмети јавно да го осуди овој провокативен вандалски чин.

Вчерашниот настан беше пријавен од свештеник во црквата на Попова Шапка.

 

Слични содржини