БИРН ги открива лицата и фирмите кои учествувале во формирањето и работата на „Ексико“, најуспешниот македонски оф-шор. Освен Жарко Луковски и помошник министерот во МВР, Небојша Стајковиќ, се провлекуваат и лица од Чешка, индиректно поврзани со бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев и посредници од Кипар, објавува Призма.
БИРН од Централниот регистар ја извади комплетната документација за оваа фирма, која со години наназад имаше сопственици кои беа енигма, бидејќи се криеја во оф-шор компании лоцирани во Белизе, САД и во Лугано. Освен Луковски и Стајковиќ, во документите се провлекуваат и лица од Чешка, индиректно поврзани со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, фирми поврзани со бизнисменот Орце Камчев, како и посредници од Лугано (Швајцарија) и Никозија (Кипар).
Актуелниот главен оперативен директор на Македонски Телеком, Жарко Луковски и помошникот министер во МВР за информатика и телекомуникации, Небојша Стајковиќ, биле дел од сопствеништвото на мистериозната фирма „Ексико“.
Последниве години, сопствеништвото на фирмата со оф-шор капитал „Ексико“ беше непозната, иако оваа компанија во 2012 и во 2013 година се наоѓаше на листата најуспешни компании, според „Еуробизнис центар“, со нето добивка која достигнува до речиси 9 милиони евра годишно.
Оваа компанија се јавува како еден од сопствениците на вредното земјиште на Водно заедно со фирмата на Орце Камчев Кара АД, а поседува и акции во големи компании како „Бетон Штип“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.
Но, освен името на директорот Тодор Мирчевски, јавно не беа презентирани докази за други лица од Македонија инволвирани во работата на оваа компанија.
(..)
Она што не стои во биографијата е дека Небојша Стајковиќ е брат на Владислав Стајковиќ, директор на „Мобико“ и основач на фирмата НВСП, која во јавноста беше споменувана како фирма на чија сметка треба да легне провизијата од спорната набавка на опрема од Израел, за која опозицијата објави аудио снимки од преговорите кои се водеа меѓу Мијалков и неговата тогашна соработничка Светлана Костова.
Од 2007 година па наваму, барем според документите што ги поседува БИРН, сопствеништвото на „Ексико“ останува во целост скриено по оф-шор државите. Имињата на Жарко Луковски и на Небојша Стајковиќ се бришат и единствен сопственик останува фирмата со капитал од Белизе, Делта Инвестмент. Се менува и седиштето, па „Ексико“ од Булеварот „Партизански одреди“ се сели зад ТЦ Буњаковец, на улицата „Иван Милутиновиќ“ 14/1-2 – истото седиште што го има и агенцијата за обезбедување СГС кога се формира, во 2010 година. Оваа агенција, според „бомбите“ што ги објави опозициската СДСМ, се поврзува со поранешниот прв човек на тајната полиција, Мијалков.
Владислав Стајковиќ и Жарко Луковски беа помилувани од страна на претседателот Ѓорге Иванов во април годинава. Небојша Стајковиќ, пак, не е на листата помилувани.
Она што засега останува мистерија се трансакциите, односно патот на парите кои се влевале и одлевале од овие фирми.
Обемната истражувачка сторија на Мери Јордановска , Призма прочитајте ја тука