Врз основа на документот кој од неодамна е јавно достапен за случајот поткуп околу „Маѓар Телеком“, кој се води пред судот во Њујорк, БИРН направи реконструкција на сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски и пријател на грчкиот бизнисмен Димитрис Контоминас-пренесува Призма.

Средина на декември 2004 година (телефонски разговор Атина – Скопје)
Димитрис Контоминас го ангажира Слободан Богоевски итно да го поврзе со висок владин функционер од СДСМ и со членови на раководството на ДУИ. Контактите почнуваат преку луѓето на Контоминас – Никос Ставридис и Михалис Кефалојанис.
Меѓу 23 и 25 декември 2004 година (Скопје и Тетово)
Ставридис и Кефалојанис се сретнуваат со високиот владин функционер од СДСМ и со неговиот заменик од редовите на ДУИ. Во Тетово се среќаваат со висок претставник на ДУИ и со идеологот на партијата, поранешен гастaрбајтер.
По првиот состанок сѐ изгледа легитимно. Се разговарало да се надминат проблемите со плаќањето на таксите за фреквенција и со доцнењето на дивидендата. Двоецот на Контоминас ветува дека ќе се врати по Нова година со решение за проблемите и со идеја за ширење на бизнисот со мобилна телефонија во Косово.
Околу 15 јануари 2005 година (Скопје)
Ставридис и Кефалојанис носат Меморандум за соработка кој е речиси идентичен со Протоколот за соработка кој подоцна го потпишале инволвираните. Двоецот усно му кажува на високиот владин функционер од СДСМ дека меморандумот ќе им донесе профит на сите, но Владата за возрат треба да:
– го одложи спроведувањето на Законот за телекомуникации со што би се задржала монополската позиција на „Македонски Телеком“;
– наместо целиот пакет акции што го поседува државата во „Македонски Телеком“, да продаде само 9,9 проценти. Така „Маѓар Телеком“ ќе помине поевтино, а сепак ќе го има управувачкиот пакет.
Околу 30 јануари 2005 година (Скопје)
Тимот на Контоминас ја носи втората верзија на Меморандумот за соработка и се сретнува со високиот владин функционер од СДСМ, неговиот заменик од редовите на ДУИ и со еден владин советник. Ставридис и Кефалојанис бараат Богоевски да ги поврзе со Екрем Љука од Косово, сопственикот на „Мобикос“.
Почеток на март 2005 година (Пеќ, Косово)
Богоевски договара средба.
Ставридис и Кефалојанис пак се во Скопје и со Богоевски одат за Пеќ, на Косово, каде што живее Екрем Љука.
На Љука му предлагаат „Мобикос“ да биде виртуелен оператор на мрежата на „Мобимак“, му ја земаат лиценцата за да направат заедничка компанија, но дилот не се реализира.
Контоминас и неговите соработници никогаш не му ја ни вратиле оригиналната лиценца на Љука.
Мај 2005 година
Се потпишува Нон-пејпер кој е „скриена слика“ на Протоколот за соработка. Овој „документ“ ја регулира поделбата на парите на сите страни вклучени во договорот. Контоминас имал практуика да потпишува нон-пејпери за „неофицијална лична употреба“, а со овој нон-пејпер го држел под уцена високиот владин функционер од СДСМ во случај да го прекрши договорот. Нон-пејперот бил предуслов да се случи Протоколот за соработка.
27 мај 2005 година (Скопје)
Се потпишува Протоколот за соработка, веднаш по состанокот во Владата каде што биле присутни Димитрис Контоминас и Михалис Кефалојанис, а потоа има мала церемонија во владините простории.
27 мај 2005 година
Првата рата се плаќа пред потпишувањето на Протоколот за соработка.
30 декември 2005 година
Втората рата се плаќа кога Владата ја повлекла тужбата против „Македонски Телеком“ за неплатените такси за фреквенциите.
30 јуни 2006 година
Третата рата се плаќа непосредно пред парламентарните избори, додека во меѓувреме Владата го продава пакетот акции од 9,9 проценти на „Маѓар Телеком“.
20 јуни 2008 година (Скопје)
„Вечер“ го објавува Нон-пејперот, но Богоевски тврди дека тој не му го дал на новинарот, иако го поседувал заедно сосе обемна документација за случајот.
Есента 2008 година (Скопје)
И другите медиуми почнале да објавуваат за истрагата во „Македонски Телеком“. Полицајци вклучени во истрагата го препознале гласот на Богоевски во телефонските разговори што ги следеле и го контактирале.
Богоевски сите документи за случајот „Телеком“ му ги дал на Павле Трајанов и го замолил да му ги предаде на премиерот Никола Груевски.
Нешто подоцна есента 2008 (Солун)
Преку посредникот Емануел Малелис – Маноли се организира состанок меѓу Димитрис Контоминас и моќен функционер во власта на ВМРО-ДПМНЕ во хотелот „Кемписки“ во Солун. Се договораат македонските власти да ги повлечат меѓународните потерници за ексдиректорите на „Македонски Телеком“.
За услугата, моќниот функционер во власта на ВМРО-ДПМНЕ бара два милиони евра и уште 500.000 евра за одредена адвокатска фирма, за правни услуги.
Крајот на 2008 година (Скопје)
За да се осигура дека договореното ќе се оствари, Контоминас на моќниот функционер во власта на ВМРО-ДПМНЕ му предлага нови бизнис-планови.
Еден од тие планови, според Богоевски, е трампата на трите згради на „Македонски Телеком“ за зградата на скопскиот плоштад која во тоа време сѐ уште била во карабина. Дополнително, за оваа зделка „Македонски Телеком“ платил 16 милиони евра.
Покрај ова, формирале и заеднички компании за недвижности, телекомуникации и за грејниот систем.
Извор: Призма