Истражувањето на БИРН открива дека директорот на кипарската компанија „Фертисимо“ е навистина вицепремиерот Владимир Пешевски. Компанијата е сѐ уште активна и тој, иако во меѓувреме стана и вицепремиер, е сѐ уште директор.
Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања | Фото: БИРН
Вицепремиерот Владимир Пешевски раководи со фирмата „Фертисимо инвестмент лимитед“ лоцирана во даночниот рај, во Никозија, Кипар.
Тој ја отворил фирмата во април 2006 година, додека бил генерален менаџер на СЕАФ – Меѓународен инвестициски фонд за директни инвестиции во приватни компании на Балканот, а воедно бил и главен инвестициски советник при продажбата на неколку српски и косовски компании на странски инвеститори.

Извод од Централниот регистар на кипарските компании со Владимир Пешевски како директор на Фертисимо инвестемент и активен статус на фирмата
Документите до кои дојде БИРН за оваа оф-шор компанија ги потврди и самиот Пешевски. Тој вели дека во тоа време не бил активен во политиката, ниту пак, планирал политички ангажман, и не гледал ништо спорно во формирање на фирмата која му била потребна за дополнителните консултантски услуги кои ги правел надвор од СЕАФ.
„Хонорарите за консултантски услуги исплатувани преку ‘Фертисимо’ беа уредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив беше платен данок“, вели тој.
Две иницијативи во Собранието за повлекување на аболицијата
Три години по формирањето на кипарската фирма, во јуни 2009 година, Пешевски станува вицепремиер за економски прашања, но тој не се повлекува од директорската позиција во „Фертисимо“.
На прашањето зошто не дозволил фирмата да згасне кога веќе е вицепремиер, Пешевски вели дека не станува збор за превид туку за свесна одлука.
„Таа фирма има чиста историја и меѓународни референции. По завршувањето на политичката кариера планирав да ја продолжам“, изјави за БИРН Пешевски.
Законот за спречување судир на интереси е јасен дека „службеното лице кое пред стапувањето на вршењето на јавни овластувања или пред стекнување на статус државен службеник, кој како сопственик управувал со трговско друштво или установа, за време на вршењето на јавните овластувања или должности е должен управувањето да му го довери на друго лице или на посебно тело“.
Повеќе ТУКА