Признал 24 деца, се збогатил од социјална помош во Германија

Благодарение на дупката во законот, како и понудата и побарувачката, беше создаден бизнис модел: мажи со германско државјанство признаваат татковство, а потоа децата и нивните мајки добиваат дозвола за престој и социјална помош.

од Vladimir Zorba

Џонатан А. позира пред луксузни германски автомобили или фрла бакноти наоколу – тоа може да се види на социјалните мрежи, на видеата снимени во Нигерија.

Меѓутоа, во Дортмунд господинот добива социјална помош. И не само тој: германската држава ја плаќа неговата поддршка за 24 негови деца – односно децата што тој ги призна. Мајките се претежно од Нигерија, земјата на потекло на Џонатан А.

Бидејќи тој е германски државјанин, децата што ги признал, нивните мајки и другите роднини – автоматски имаат право да останат во Германија. Засега има 94 лица, пишува Дојче веле.

Новинарите од германскиот јавен сервис АРД дознаа дека „само Џонатан А. предизвикува трошоци за социјално осигурување значително повисоки од 1,5 милиони евра годишно“.

Лажно татковство поради дупка во закон

Приказната за Џонатан А. се смета за пример за злоупотреба на признавањето на татковството, што, поради дупка во законот, е лесно возможно.

Експертите проценуваат дека во последните години имало десетици илјади случаи, но податоците се оскудни. Само одредени сомнителни случаи се пријавуваат до властите за имиграција од страна на матичните канцеларии, канцелариите за заштита на младите и конзуларните службеници во амбасадите.

Бидејќи во Германија нема централен регистар поради заштита на податоците, тие не можат да видат колку деца некој веќе признал. Тоа го можат само имиграциските власти. И повеќето татковства се заверени на нотари.

Признавањето татковство не е кривично дело

Аксел Бошамер од органот за имиграција на окружната влада на Арнсберг претпоставува дека бројот на непријавени случаи е голем. Според Бошамер, во Северна Рајна-Вестфалија се зголемува бројот на сомнителни случаи на лажно татковство за деца родени од мајки од земјите од Западна Африка и од Западен Балкан.

Во случајот со Џонатан А., тој смета дека се работи за „систематска злоупотреба на признавањето на татковството“.

„Лажното татковство им овозможува на луѓето кои всушност немаат шанси да останат во Германија да останат тука. Овие луѓе се подготвени да платат пари за тоа, обично на лице кое презема фиктивно татковство“.

А признавањето татковство не е кривично дело.

Бездомници како лажни татковци

Надлежните ретко успеваат да го откријат криминалниот бизнис модел зад него. Јавното обвинителство во Берлин моментално покренува обвинение против десетчлена банда луѓе со виетнамско потекло „за лажни бракови и признавање на татковство“.

Наводно, тие договориле признавање на татковство на најмалку дваесет деца на мајки од Виетнам за да добијат дозволи за престој во Германија.

За возврат, на германските „татковци“, главно бездомници, им платиле од 500 до 1.500 евра, а од мајките од Виетнам наплатувале и до 35.000 евра, вели истражниот јавен обвинител Франк Поле.

Јавниот обвинител смета дека тоа е „појава во околината на виетнамски граѓани или германски државјани со виетнамско потекло“ во Берлин со нивната голема виетнамска заедница. Често се случува виетнамките да доаѓаат во Берлин „за да го легализираат своето право да останат тука, а потоа да се преселат во други провинции“.

Признавањето повеќе не може да се укине

Во покраината Северна Рајна-Вестфалија, властите претпоставуваат дека повеќето луѓе кои стекнале трајно право да останат како резултат на злоупотреба на татковството добиваат долгорочна социјална помош и други бенефиции за социјално осигурување.

Минатата година, на барање на министрите за внатрешни работи на покраините, федералната влада требаше да го претстави предлог-законот за усогласување на сегашниот закон за признавање на татковство. Тие со години се залагаат, заедно со министрите за правда од покраините, да се спречат злоупотребите како превентивна мерка.

Бидејќи, откако ќе се признае татковството, тоа останува во сила во секој случај. Кога детето е признаено од татко Германец, тоа не може да се отповика.

Проверки речиси и да нема

Харалд Деринг, долгогодишен поранешен судија на Федералниот административен суд во законот за имиграција, ја гледа дупката како „несоодветна регулатива“ што „ретко се случува“. Дури и ако таткото не би тврдел дека имал врска со жената, тој би можел да го признае татковството. Според Деринг, тоа треба да се промени.

Владата претстави свој предлог-закон во 2017 година, кој подоцна пропадна во Бундесратот. Ова вклучуваше, меѓу другото, задолжителни проверки од страна на имиграциските власти во случаи кога правото на престој на мајката беше легализирано со потврдување на татковството.

Во 2017 година, Федералното Министерство за внатрешни работи „процени дека бројот на случаи на злоупотреба е изразена во четири цифри“. Кога ова ќе се претвори во бројки, „годишното оптоварување на даночните обврзници на ниво на цела држава“ изнесува над 150 милиони евра. Повеќе актуелни бројки не се достапни.

Се покажало дека Џонатан А. за еден месец добил државна помош во износ од над 22.500 евра. Група надлежни лица во Есен се уште не успеале да откријат колку вкупно добил од државната каса. Причина – заштита на податоците.

Во меѓувреме, Џонатан А, наводниот татко на 24 деца, веќе аплицирал за признавање на уште две деца.

Слични содржини