Целокупната безбедносна ситуација во Македонија и регионот, безбедносните закани со кои се соочува, биле дел од прашањата за кои се интересирале членовите на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање во рамки на денешната посета на Агенцијата.
– Она што беше соопштено е една помалку или повеќе јавна информација која може да се изведе и од анализата на домашните, регионалните и странските медиуми. Постојат неколку видови актуелни безбедносни закани во однос на цела Европа вклучително Македонија, а се поврзани со миграциските движења и можноста за инфилтрирање одредени поединци или групи кои би можеле претходно да бидат инволвирани во одредени воени жаришта надвор од европскиот континент, изјави пратеникот Антонио Милошоски, член на Комисијата.
Втората закана, како што посочи, е поврзана со претходната и се однесува на радикализмот по однос на верска основа и негова злоупотреба во одредени цели. Притоа, посочи Милошоски, Европа како континент, сите земји членки на ЕУ или земји кандидати не се исклучени од таков ризик.
Посетата, членовите на Комисијата, ја оцениле како задоволителна и успешна затоа што добиле голем број значајни информации, како и опис на работата на Агенцијата.
– По однос на информациите можам да кажам дека тие беа од голем интерес за членовите бидејќи се работи за информации поврзани со безбедноста не само на РМ, туку и регионалните предизвици, како и некои глобални феномени со кои во моментов Европа се соочува како закани, рече Милошоски.
Комисијата била во посета на Агенцијата за разузнавање во мнозински состав, но не целосен.
– Некои беа отсутни од објективни причини кои претходно ги најавија. Комисијата ќе биде во целосен состав во оној мемент кога СДСМ како опозициска коалиција ќе го заземе претседателското место и ќе ги пополни местата за членови кои и припаѓаат во Комисијата, рече Милошоски кој денеска ја предводел делегацијата од собраниската Комисија.
Тој најави дека во текот на наредниот месец Комисијата најверојатно ќе оствари и посета на Управата за безбедност и контраразузнавање.
За потсетување МВР и Агенцијата за разунавање во перидо од 9 години никогаш не испратија претсавник на комисиските расправи, не дозволуваа посета на комисијата внатре во објектите, а од “бомбите” може да се чујат разговори меѓу високи челници од власта како се договараат да не дозволат да се изврши контрола на
институциите од страна на комисјата и опозициските пратеници.
Соопштение испрати и Агенцијата за разузнавање.
