Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, верува дека неговиот тим треба да биде поодлучен, па дури и безмилосен во нападот, откако доминираа на гостувањето во Лигата на Европа против Реал Сосиедад и покрај тоа што недостигаа голем број играчи, но сепак успеаја само да израмнат 1-1.
Неделната елиминација на турнирот во ФА Купот значи дека европскиот пат е единствен за Јунајтед оваа сезона доколку сака да си гарантира трофеј, но и да го гарантира учеството во Европа. Тоа очигледно нема да се случи преку локалното првенство, бидејќи „црвените ѓаволи“ се на 14. место.
Ситуацијата која не се менува на подобро и по назначувањето на Аморим на тренерската позиција, но сепак ова реми во првото осминафинале во Лигата на Европа во „Сан Себастијан“ може позитивно да се земе со оглед на недостигот од 11 стартери.
Џошуа Зиркзе го отвори резултатот во 57. минута по многу промашувања пред тоа, и повеќе слични непрецизности по голот. Сепак, Реал Сосиедад израмни со првиот удар кон голот, кој го одбрани Онана, благодарение на пеналот на Микел Ојарзабал. Реваншот е следната недела на „Олд Трафорд“.
-Можеше да биде подобро, но можеше да биде и полошо, бидејќи во последните 20 минути почувствував дека тимот е многу уморен, изјави тренерот на Јунајтед по мечот. „До израмнувањето почувствував дека го контролираме натпреварот. И откако поведовме, бевме блиску до втор гол. Се чувствуваше нервозата на стадионот. Но, на крајот, пеналот малку ја промени ситуацијата, а кога ќе се смени моментумот, полесно се заморуваме. Натпреварот го носиме на „Олд Трафорд“ и таму ќе се обидеме да победиме“.
Аморим не сакаше да зборува за пеналот за играње со рака против Бруно Фернандеш, но беше подетален за недостигот на предност во играта на Јунајтед. Португалецот изјави дека имаат „проблем со головите“ откако изминатиот викенд загубија на пенали од Фулам.
„Имаме транзиции, имаме ситуации и понекогаш нешто ни недостига. Ова може нешто да промени, особено на такви натпревари каде ни се потребни голови кои можат да ја направат разликата. Затоа што на крајот, зошто ја имаме топката и имаме шанси, ако нема завршница?“, продолжи стручњакот.
Следен предизвик им е на домашен терен во недела против второпласираниот Арсенал, по што ќе се подготвуваат за реваншот против баскискиот Реал Сосиедад.