Процедурата за отворање на Уставот може да трае најмногу до шест месеци

од Nikola Popovski
164 прегледи

Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека процедурата за отворање на Уставот би можела да трае од четири и пол до шест месеци, во зависност од бројот на амандмани и колку ќе трае дебатата по амандмани како што е пропишано во крајни рокови.

-Тоа е веќе техника. Според Деловникот, таа процедури има соодветни рокови и соодветни фази. Јас сум должен да ги знам процедурите за општа информираност, рече Џафери како одговор на новинарско прашање.

Според Деловникот за работа на Собранието, првата фаза од измените на Уставот, може да трае максимум 20 работни дена. Најмногу десет дена може да се дебатира во Комисијата за уставни прашања и, исто така, максимум десет дена на пленарна седница на Парламентот. Секој пратеник и во рамките на Комисијата и на пленарната седница може да зборува повеќепати, но не вкупно повеќе од 20 минути.

Ако Собранието на пленарна седница со најмалку 80 гласа донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот, се преминува кон втората фаза – подготовка и утврдување на нацрт-амандманите. Од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница.

Слични содржини