Продажбата на „Славија“ е скандалозна, велат вработените

од Nikola Popovski
487 прегледи

Околу 30 вработени во „Славија“ стравуваат за своите работни места откако Владата на 30 ноември одлучи некогашниот гигант да го стави на аукциска продажба по почетна цена од 218 илјади евра.

Продажбата за вработените е скандалозна. Велат дека голем дел од загубите се веќе исплатени, а тие испратиле и план за развој до Владата уште во февруари, кој Владата никогаш не го погледнала.

„Продажбата на акции во државна сопственост по номинална вредност без притоа да се направи проценка за нас е скандалозен чин особено во денешно време кога секојдневно се нагласува потребата од транспарентност и борба против корупција како еден од најважните услови за реализирање на патот кон ЕУ. Претставува сериозен чин за кој веднаш и сериозно треба да се вклучат институциите како Заменик претседател на Владата за борба против корупција, ДКСК, Јавно правобранителство“, велат тие.

Од СДСМ истакнаа дека вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ го обезвредни и ракрчми имотот на АД Славија.

-Токму ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2012 – 2017 со тајни и задкулисни зделки распродала над 70% од имотот на АД Славија. Проценката направена во 2012 година говори дека компанијата имала долг од 17 милиони евра, што значи дека уште тогаш нејзината вредност била најмногу три милиони евра, велат од владеачката партија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес посочи дека ова e случај во кој што постои еден сериозен криминал во обид од страна на власта.

-Станува збор за обид да се продаде друштвото Славија во стечај, за цена која што е нешто повеќе од почетна цена, за нешто повеќе од 200.000 евра. Иначе целиот капитал е проценет на повеќе од 20-тина милиони евра. Само можам да напоменам дека минатогодишните приходи се негде на ниво повеќе од 800-тини илјади евра. А, да не зборувам за други урбанистички планови кои што претпоставувам потенцијалниот купувач има намера да ги користи во делот на би рекол седиштето на ова друштво Славија, рече Мицкоски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли тврдењата на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, дека „Славија“ вреди далеку помалку затоа што токму ВМРО-ДПМНЕ продало скришно над 70 отсто од имотот.

Слични содржини