Заради интерес на медиумите и новинарските здруженија, Kривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека постапувајќи по предлогот на ОЈО – Скопје за продолжување на мерката куќен притвор за М.П., за кој постoи основано сомнение дека сторил кривично дело Насилство од чл. 386 ст. 3 в.в. со ст. 1 од КЗ, а поврзано со вербалниот и физички напад на новинарската екипа на ТВ 24, советот го прифати предлогот и ја продолжи мерката куќен притвор за 30 дена.
Лицето, како што наведува Обвинителството, најпрво вербално, а потоа и физички го нападнало снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му набиеница. Кај новинарот и возачот на телевизиската екипа, пак, напаѓачот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
-Обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом, информираат денеска од Јавното обвинителство.
Новинарската екипа известуваше за запишаното живеалиште на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко, чија адреса на живеење на државјанството е пријавена во скопско Пржино.