Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за продолжување мерка притвор против 5 лица, донесе решенија со кои:
„Предлогот за продолжување на мерката притвор се прифаќа и на : В.М., В.К., Б.В. за кои постои основано сомнение за две кривични дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.1 и т.4 и чл. 123 ст.2 т.1 и т.7 од КЗ, и две кривични дела Грабнување од чл. 141 ст.1 и чл. 141 ст.2 вв ст. 1 од КЗ, како и А.Ѓ. осомничен за кривично дело Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 од КЗ, сите поврзани со убиството на малолетната девојка од Скопје – В.Ѓ и велешанецот П.Ж., им се продолжува притворот за 30 дена.
Воедно прифатен е предлогот и за продолжување на мерката притвор за нови 30 дена и за С.Д. осомничен за Помагање на сторител во извршување на кривичното дело од чл. 365 ст.5 вв со ст.1 од КЗ, а поврзан со бегството на прво осомничениот кој се наоѓа во екстрадиционен, краткотраен затвор во Р. Турција.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“, информираат од Кривичен суд – Скопје.
Од досегашните собрани докази и изјави, постои основано сомнение дека на 22 ноември, четворицата осомничени на чело со Љупчо Палевски-Палчо по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на Панче Жежовски од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил „цитроен“ за тие да го искористат за грабнување на малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје, ќерка на еден од овие осомничени и притворени.
Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде го убиле со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.
Како што велат од Обвинителството, на 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на деветтоодделенката, со намера да ја присилат нејзината мајка да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил на веќеу биениот и закопан Жежовски.
Подоцна на свиреп начин и со умисла го убиле девојчето, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот „цитроен“.