Продолжениот празничен викенд донесе зголемена фреквенција на граничните премини, при што во рок од само 12 часа, синоќа повеќе од 20.000 македонски граѓани ја напуштиле државата.
Најголем притисок имало на граничниот премин „Богородица“, каде во земјата влегле 1.224 македонски граѓани, а излегле 7.954. На Блаце, пак, во истиот период влегле 1.979 македонски државјани, додека 3.040 ја напуштиле државата. Овие бројки јасно покажуваат дека празничниот бран не е исклучок, туку навика што се повторува при секој продолжен викенд.
Што се однесува на странските државјани, во истиот период во земјава на ГП „Блаце“ влегле 6.339 македонски државјани, додека 4.430 излегле.
Од МВР уверуваат дека во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за забрзување на протокот на патници, но сликата од терен повторно ја отвори старата дилема: дали граничната инфраструктура и организацијата можат да одговорат на сезонскиот налет без километарски колони и часови чекање.
Традиција е речиси секој продолжен викенд голем дел од македонските граѓани да го поминуваат времето во странство. Километарски колони и повеќечасовно чекање беа забележани на ГП„Богородица“ кон Грција, каде голем број граѓани се упатија за продолжениот викенд.