Продолжи судењето на тројцата обвинети за убиството на ракометарот Денис Тот

од Берта Китинска
191 прегледи

Со изведување на доказите на обвинението во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Одбраната во своите воведни зборови на минатото рочиште кажа дека не смета дека правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар е одржлива и дека ќе докажува дека не постои умисла за истото.

Судењето за убиството на 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот, кој играше за РК „Бутел“, почна минатата недела. Осомничените за убиството на Тот, 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски се во притвор од април.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, стои во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Слични содржини