Продолжува истрагата за пожарот во „Пулс“: Полицијата изврши претрес на повеќе локации и одзеде финансиска документација

од Даниел Ѓорѓиевски
38 прегледи

Истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 59 лица, продолжува со нови детали. Министерството за внатрешни работи (МВР) објави дека од возилото на сопственикот на дискотеката, биле одземени значајни материјали.

Како што потврдува полицијата, претреси се извршени во угостителски објекти, а исто така и во локалната канцеларија на Државниот пазарен инспекторат. На 25.03.2025, полициски службеници извршиле претреси во домот на Д.Ј., неговото возило „инсигниа“, како и во два угостителски објекти. Во домот на Д.Ј. пронајдени се лаптопи, неколку мобилни уреди, документација и други предмети. Одредени предмети биле одземени и од возилото, а исто така е пронајдена финансиска документација.

Во Државниот пазарен инспекторат – Канцеларија Кочани, запленети се еден компјутер, еден лаптоп и еден таблет, заедно со целокупната документација поврзана со правни субјекти во сопственост на Д.Ј.

Основното јавно обвинителство вчера потврди дека во координација со полицијата обезбедува доказен материјал. „Извршени се претреси на пет локации во Кочани и Скопје, при што одземени се дополнителни електронски уреди и други докази, за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат информации за случајот“, информираат од Обвинителството.

Во текот на денот, Јавното обвинителство планира да издаде наредба до Управата за финансиска полиција за преземање на активности поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, како и за осомничените и други лица.

Слични содржини