Продолжува потрагата по исчезнатите во катастрофалниот земјотрес во Мароко

од Vladimir Zorba
183 прегледи

Спасувачите во Мароко ги засилија напорите за пронаоѓање на преживеани од разорниот земјотрес во петокот, со цел да стигнат до пооддалечените области на планините Атлас, каде што се наведува дека некои села се срамнети со земја.

Првите странски спасувачи дојдоа за да помогнат по најсилниот земјотрес во северноафриканската земја, при што загинаа најмалку 2.122 луѓе, а повеќе од 2.400 беа повредени, многу од нив сериозно, според официјалните податоци.

Земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа на 70 километри југозападно од античкиот град Маракеш, популарна туристичка дестинација, каде што многу жители спиеле на улица откако нивните домови биле оштетени.

„Сите заминаа, срцето ми е скршено“

Во неделата, истиот регион беше погоден од последователен земјотрес со јачина од 4,5 степени.

Планинското село Тафегагте, на 60 километри од Маракеш, е речиси целосно уништено, а многу малку згради се уште стојат.

Цивилни спасувачи и припадници на мароканските вооружени сили трагаа по преживеани и тела на загинатите.

Додека едно тело беше извлечено од урнатините на куќата, четворица се уште беа закопани таму, велат жителите.

„Сите заминаа. Моето срце е скршено. Неутешна сум“, во солзи изјави Захра Бенбрик, која тврди дека изгубила 18 членови на семејството, додека телото на нејзиниот брат е сè уште заробено.

Многу куќи во планините се изградени од тули од кал.

Селото се наоѓа во провинцијата Ал-Хауз, местото на епицентарот, каде властите забележаа 1.351 смртен случај.

Според мароканската јавна телевизија, „повеќе од 18.000 семејства беа погодени“ од земјотресот во Ал-Хауз.

Тежок пристап до оддалечените области

Лахсен Хадад, марокански сенатор и поранешен министер, ја опиша тешкотијата да се стигне до оддалечените области.

„Понекогаш патиштата [што водат до селата] не се асфалтирани, па мора да ја внесете војската за да стигнете до населението, а потоа започнува спасувачката мисија во исто време кога некои од повредените се евакуирани.

Спасувачките тимови, исто така, мора да се борат со паѓање на карпи кои ги блокираа патиштата до планините.

Во Таалат Н’Јакуб, околу 90 километри јужно од Маракеш, продолжија напорите за пронаоѓање на затрупаните во урнатините.

Откако изгуби девет членови на семејството, Мохамед Аит Играл се надеваше дека неговиот внук ќе биде спасен.

„Ја изгубив ќерката, нејзините деца ги нема. Чекам еден, се надевам дека е жив“, изјави тој за „Ал Џезира“.

Кога го извлекле момчето од урнатините, тој веќе бил мртов. Ќе биде погребан во близина на неговите родители на селските гробишта.

Многу земји се понудија да помогнат

Многу земји му понудија помош на Мароко.

Шпанското Министерство за одбрана соопшти дека транспортерот А400 полетал од Сарагоса со 56 спасувачи и четири кучиња трагачи, се упатил кон Маракеш за да „помогне во потрагата и спасувањето на преживеаните“.

Уште еден воен авион полета од базата во Торехон де Ардоз, во близина на Мадрид, со 30 спасувачи и четири кучиња трагачи, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи.

„Ќе испратиме се што е потребно, бидејќи сите знаат дека првите часови се клучни, особено ако има луѓе затрупани под урнатините“, изјави министерката за одбрана Маргарита Роблес.

„Недостатокот на координација е контрапродуктивен“

Освен Шпанија, Мароко објави дека ја прифатил помошта само од три земји – Велика Британија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека „во оваа фаза“ позитивно одговорило на четири понуди „за испраќање тимови за пребарување и спасување“.

Се вели дека само тие понуди се прифатени, бидејќи „недостатокот на координација може да биде контрапродуктивен“.

И други земји понудија помош.

Слични содржини