Продолжува штрајкот во ДИЦ: „Платите на вработените се за 25% помали од примањата на наставник“

од Nikola Popovski
277 прегледи

Поради продолжување на штрајкот на синдикатот на Државниот испитен центар, кој беше ставен во мирување во мај оваа година, стручниот испит за наставници и стручни соработници на кој се пријавени 700 кандидати нема да се реализира. Ќе нема ни основна обука за кандидати за директори, напредните обуки за директори, меѓународните тестирања, а повторно е загрозена и државната матура. Државниот испитен центар ќе стопира повеќе процеси кои веќе се во тек.

Како што изјави денеска Емилија Бошковска од Синдикатот на ДИЦ, штрајкот продолжува поради недобивање на задоволителен одговор од Министерството за финансии за покачување на платите на вработените во оваа институција, односно нивно изедначување со платите на наставник ментор. Таа потенцираше дека платите на вработените во Државниот испитен центар се за 25 проценти помали од платите на наставник ментор. Станува збор околу 26 вработени лица.

Од Државниот испитен центар изготвиле неколку измени на колективниот договор по што за одговор од Министерството за финансии се чека и по два месеца. На новото барање сè уште нема одговор.

ДИЦ го стави штрајкот во мирување во мај, пред полагањето на матурата, а причината за тоа, како што наведоа оттаму, беше што министерот за образование Јетон Шаќири сакал да внесе надворешни лица во процесот на државната матура.

Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барања за поголеми плати за вработените и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопира сите процеси за кои е надлежен ДИЦ.

Слични содржини